Нема договор: Почнува „војната“ во разводот Алегри – Јувентус

Масимилијано Алегри повеќе не е тренер на Јувентус, а допрва ќе се разгори војната меѓу трофејниот стручњак и „црно-белите“ од Торино околу парите што треба да му бидат исплатени за предвремениот раскин, ако се знае дека Алегри имаше договор со „старата дама“ до јуни 2025 година.

Според договорот, Јувентус треба да исплати вкупно 20 милиони евра на Алегри и членовите на неговиот стручен штаб за следната сезона, а тренерот побарал вкупна сума од 14 милиони за да го потпише превремениот прекин на соработката. Ваквото барање било експресно одбиено од страна на челниците на Јувентус, па се очекува преку суд да биде одредено колку Јуве ќе треба да го исплати Алегри.

Тренерот има опција да остане без ангажман во следната сезона, со што ќе си ги зголеми шансите да ја добие целата сума од загарантираниот договор. Од друга страна, Јувентус планира да го тужи Алегри за непрофесионален однос поради конфликтот со новинарите по освоениот трофеј во Купот на Италија, по што веднаш следеше и отказот за овој тренер. Челниците на „старата дама“ ќе тврдат дека тој ги прекршил условите од договорот, по што следел прекин на соработката, што ќе биде тешко за докажување ако се знае дека Јуве веќе извесно време пред тој инцидент преговараше со Тијаго Мота.

Едно е јасно, војната меѓу Јуве и екс-тренерот нема да заврши набрзо. Напротив, таа допрва почнува.

Се вчитува...