Македонската одбојкарска репрезентација нема да игра во финалето на Ф4 турнирот во Сребрената Европска лига. Во драматичен и исцрпувачки натпревар во пет сета, нашите одбојкари џагубија против Хрватска со 2-3 во сетови и утре ќе бидат дел од малото финале, предизвикувајќи ја селекцијата на Летонија. А, имавме два сета предност…
Избраниците на Љубомир Травица максимално мотивирано го започнаа мечот и во првиот сет набилдаа предност од 17-12, која до крајот успеаја да ја задржат и да поведат со 1-0.
Вториот беше понеизвесен. Македонија поведе со 15-12, но потоа имаше пад во играта на нашиот национален тим. Хрватска се закани со 18-17, и за среќа повторно се разбудивме и заигравме во силен ритам кога беше најпотребно. Проработи блокот во најважен момент, Ѓорѓи Ѓоргиев одработи за водство од 22-20 и тука беше скршен отпорот на Хрватите. На крајот, Македонија го комплетираше вториот сет со 25-21.
Сепак, Хрватска не се предаде така лесно. Ја презеде иницијативата во третиот сет, поведе со 18-14 и до крајот не дозволи изненадување за конечни 25-22, и продолжување на надежта на „коцкестите“.
Хрватските одбојкари влегоа во потребниот ритам. Македонија се држеше во егал до 13-13 во четвртиот сет, но потоа имаше пад во играта на нашиот национален тим, а противникот тоа го искористи да израмни на 2-2 во сетови. Го комплетираше четвртиот сет со 25-20.
Петтиот сет секако донесе многу неизвесност и драматични моменти. Се чини дека смечот во аут на Љафтов за водство на Хрватска од 8-6 беше клучен момент. Потоа „црвено-жолтиот“ брод комплетно потона, а Хрватска го доби решавачкиот сет со 15-9.
Во утрешното финале, силите ќе ги одмерат Белорусија и Хрватска, додека во дуел за третото место, Македонија ќе игра против Летонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА