НЕМА КРАЈ НА „СИНО-БЕЛАТА“ ДОМИНАЦИЈА: МЗТ Скопје го одбрани тронот во мак-баскетот

Кошаркарите на МЗТ Скопје забележаа нова сезона со освоена „триплета“ откако по трофеите во Суперкупот и Купот на Македонија го освоија и оној во Првата лига забележувајќи триумф од 53-77 во четвртиот натпревар од финалната серија против ТФТ за вкупни 3-1 со што го освоија и дванаесеттиот трофеј во својата историја, шестти едно по друго.

Агресивната одбрана од самиот старт на натпреварот му донесе предност на МЗТ Скопје. Аеродромци го примораа ТФТ на тешки обиди од поле, умешно ја користеа транзицијата како и загубените топки на „црно-белите“ за лесни поени па брзо гостите стекнаа и двоцифрена предност која ја задржаа до крајот на првата четвртина (11-23). Одличната игра на избраниците на Атанасов на двата дела од теренот продолжи и во вторите 10. минути па „сино-белите“ од минута во минута ја зголемуваа предноста која во еден момент изнесуваше и највисоки +24 (13-37). ТФТ сепак успеа да покаже знаци на живот, одигра подобро во завршницата па успеа и да намали на 25-44.

Кошаркарите на МЗТ Скопје „заспаа“ на полувреме, а ТФТ излезе на терен далеку помотивиран и расположен за игра. Избраниците на Смилковски одиграа одлична одбрана со која во целост го запреа нападот на аеродромци на само два постигнати поени за речиси седум минути игра, а „постот“ го искористија одлично во нападот за брзо преполовување на негативата и сведување на истата на само десет поени (38-48).

ТФТ имаше можност дополнително да ја намали негативата и да сведе истата на едноцифрена, но загубените топки скапо го чинеа домаќинот. Четвртата лична грешка на Гонвес создаде проблеми во нападот на „црно-белите“, МЗТ Скопје одговори во самата завршница на третата четвртина со серијата од 6-0 преку украдени топки па ја врати „комотната“ предност од 43-59 пред одлучувачките десет минути во кои овој пат аеродромци не потфрлија, ја вратија стабилноста и ја потврдија победата.

Браќата Стојановски повторно беа лидери на МЗТ Скопје. Војдан броеше до 17 поени, четири скокови и четири асистенции, додека Дамјан додаде 11 поени и пет скокови. Со по 11 поени за ТФТ средбата ја завршија Гринли и Зафиров.

Се вчитува...