МЗТ Скопје започна со пораз под водство на новиот тренер Жељко Лукајиќ откако во „Јане Сандански“ со резултат од 72-69 беа совладани од гостите од Црна Гора, екипата на Морнар. Со поддршката од „фемили“ на трибините „металците“ делуваа надмоќно во текот на целата средба, особено на дефанзивен план кој функционираше одлично, но во последните моменти не успеаја да ја сочуваат предноста. Трагичар беше капитенот Дамјан Стојановски, кој не реализираше две слободни фрлања во последната минута, при резултат 69-69, овозможувајќи им на гостите од Црна Гора со тројка во својот последен напад да стигнат до голема победа.
И двете екипи на стартот делуваа цврсто во одбраната со тоа што МЗТ беше за нијанса поуспешен во реализацијата. По 5 минути во почетниот период „металците“ имаа 10-9, а во продолжението расположениот Симоновски ја одржуваше предноста со потигнати девет поени, додека гостите од Бар шутираа 2/8 за три поени. 19-13 во корист на МЗТ гласеше исходот од воведните 10 минути. Новиот тренер Лукајиќ иако во клубот е само неколку дена, веќе ја наметна својата филозофија барем кога станува збор за одбраната.
„Металците“ одлично го затворија патот до својот кош до полувремето, го наведоа тимот на Морнар да има неколку неуспешни напади, додека на другата страна градеа сигурна предност. МЗТ направи серија од 11-1 која ја почнаа во последната минута од првата делница, па веќе на пет минути до крајот на полувремето имаа и +14. Сепак, „металците“ испуштија да замине на паузата со двоцирена предност кога Мајсторовиќ загуби две топки по ред на една минута до крај, па резултатот по две четвртини беше во корист на домаќинот, 38-31.
Присуството на „Фемили“ на трибините ги понесе кошаркарите на МЗТ да продолжат со добрата игра и во продолжението, пред се во одбраната. За нешто помалку од осум минути „металците“ дозволија само осум девет поени во својот кош, додека Трајковски се разбуди и постигна 11 поени во истиот временски период, во тие моменти се случи и најголемата предност за МЗТ од +19. И во овој период МЗТ успеа да го спречи противникот да стигне до бројката од 20 поени во една четвртина, па 63-48 во нивна корист беше резулатот кој мораше да се сочува за посакуваната победа.
Сепак, јасно беше дека Морнар нема да се прераде пред време, па за само пет минути ја „стопија“ двоцифрената предност на „металци“. МЗТ цели пет минути не можеше да постигне кош од игра, додека гостите направија серија од 13 поени и го стигнаа домаќинот на 64-61, па следуваше неизвесна завршница. На две минути до крајот со кошот на Ниднам Морнар изедначи на 69-69, а потоа погоди и тројка на 15 секунди до крај со што Морнар за прв пат водеше на оваа средба и ја украде победата. Соколов и Трајковски имаа неуспешни обиди да го однесат мечот во продолежија, МЗТ промаши два шута за нерешено во последниот напад.
Бојан Трајковски беше најефикасниот кошаркар во домашниот состав со 17 поени, по него Мајсторовиќ, Лајиќ и Симоновски придонесоа во поразот со по 11 поени. Во тимот на Морнар најрасположен кошаркар беше Дерен Нидман со 24 поени, а Мичовиќ додаде 15.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА