Раководството на Интер ќе направи се, само да го задржи нивниот капитен Мауро Икарди во своите редови, па затоа ќе следува голема награда за Аргентинецот доколку „нероаѕурите“ обезбедат пласман во Лигата на шампиони за следната година. Со цел да го тргнат од рацете на европските „грабливци“, Интер ќе му понуди на Икарди нов договор, со двојно поголема клаузула од сегашната, која изнесува 110 милиони евра.
Напаѓачот стави потпис на нова соработка минатата сезона, неговата годишна плата стигна до пет милиони евра, но драстичните промени на трансфер пазарот, поточно енормните вложувања на ПСЖ ги прават оние 110 милиони да чинат премалку. Со клаузулата ќе биде зголемена и заработката, но засега нема точна бројка колку би изнесувала новата плата.
Интересот за него пристигнува од Премиер – лигата, но да не се заборави дека Реал е во потрага по нов голгетер, додека Баерн сака да доведе напаѓач кој ќе му конкурира, а воедно со време и да го наследи Левандовски. Но, мала е веројатноста дека Икарди би го напуштил „Џузепе Меаца“, неговата лојалност кон клубот е добро познат факт, а настапот во ЛШ со сино-црниот дрес практично ќе значи остварување на сонот за Икарди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА