ЕКИПА во Даблин, Р. Ирска
Владимир Булатовиќ
Македонската фудбалска репрезентација со објективна раздрманост, по тешкиот пораз од Данска во полуфиналето од баражот за СП 2026, но и по серијата внатрешни проблеми со повлекувањето од националниот тим на Александар Трајковски и Бојан Миовски кои беа незадоволни од третманот на новиот селектор Гоце Седлоски, го очекува денешниот натпревар со Република Ирска во Даблин.
Резултатски незначаен натпревар меѓу двете селекции кои загубија во полуфиналето од мундијалскиот плејоф, но сосема е јасно дека кога се игра за националниот дрес нема неважен меч.
И првиот чувар на мрежата на македонската селекција, и еден од капитените, Столе Димитриевски на прес-конференцијата во Даблин потенцираше дека мора да се поправи впечатокот од Данска, а секој натпревар кога се игра за Македонија е и тоа како значаен…
„Разговаравме и меѓу нас играчите за последниот натпревар и поразот од Данска, и факт е дека мора да бидеме позиционирани како што треба за да не дозволиме такви киксеви како што беа во Копенхаген. Едноставно мора многу повеќе кога се игра во националниот дрес. Јас сум професионалец и кога доаѓаме да играме за Македонија за нас нема неважен натпревар. Тоа е најмалку што може да направиме за Македонија“ – рече Димитриевски, и дополни:

„Секако против Ирска сакаме да одиграме подобро од мечот со Данска и да се подобриме, да бидеме на едно повисоко ниво, и да ги ираздуваме нашите навивачи кои заслужуваат малку повеќе радост“.
Селекторот Гоце Седлоски најави и неколку измени во стартниот тим, но секако повторувајќи ја интенцијата за подобрување на впечатокот од дуелот во Копенхаген.
„Поразите болат. После еден таков натпревар важен против Данска, кој навистина боли, сега ситуацијата се смири, атмосферата е добро, трениравме добро и изминативе денови и верувам дека ќе дадат се за да дојдеме до позитивен резултат. Мора да нагласам дека е тешко после оној пораз со Данска, но мотивацијата кај играчите мора да биде секогаш на високо ниво. Добро го анализиравме тој меч и ги знаеме нашите грешки кои сега ќе се обидеме да ги поправиме уште веднаш“ – вели Седлоски притоа дополнувајќи:
„Ова за мене ќе биде втор натпревар, но сега бараме нов карактер и нов обид за позитивно издание. Ќе имаме неколку измени во однос на стартерите, ќе смениме на неколку нови позиции, но нема да има и многу промени. Се договоривме да има осум замени, така да сигурно многу повеќе играќи ќе добијат шанса“.
Натпреварот меѓу Р. Ирска и Македонија во Даблин се игра на „Авива“ стадионот од 20:45 часот. Според најавите се очекуваат околу 40.000 гледачи, од вкупниот капацитет на прекрасниот стадион кој изнесува 55.000 седишта.
Досега Македонија и Ирска имаат шест меѓусебни дуели, со четири победи на Ирците, едно реми и една победа на Македонија, онаа од 3-2 во Скопје. Вкупната гол разлика е 11-5 во корист на Ирска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

