Македонската прволигашка сцена новата сезона која стартува во петок (8 август) ја почнува и со имплементиран ВАР-систем кој за првпат се воведува во Македонија.
Домашните прволигаши ќе може да играат единствено на стадиони кои ги исполнуваат минималните услови за имплементација на ВАР-системот, а кои им се презентирани претходно на клубовите и кои мораа да ги исполнат до стартот на сезоната.
Сепак, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, на денешната презентација пред медиумите околу функционирањето на ВАР-системот, откри и дека стадионот на Шкупи во Чаир не ги исполнил минималните зададени услови за ВАР, поставување платформи за камерите и соодветна ВАР-соба, и покрај тоа што претходно од ФФМ било обезбедено се за негова имплементација.
„Веќе е се подготвено за имплементацијата на ВАР-системот, со тоа што сега се останува на клубовите. Но, Шкупи не го исполни својот дел од обврските, не се поставени платформи за камери и климатизирана просторија, што од поодамна им беше предочено во клубот. Минималните услови не се исполнети, што значи дека нема да добијат дозвола да играат на тој стадион. Ќе мора да си бараат решение“ – истакна првиот човек на ФФМ.
ФФМ помош околу имплементација на ВАР доби и од Македонски Телеком, па на останатите стадиони се подготвени за старт на ВАР-системот.
Шкупи во првото коло од новата сезона во ПМФЛ гостува на Шкендија во Тетово. Но, за следното, второ, коло како домаќин ќе мора да бара алтернативен стадион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

