Манчестер Јунајтед веќе повлече неколку одлични потези на пазарот летово, успевајќи да го доведе Џошуа Циркзе од Болоња за 42 милиони евра, а потоа и да го осигура потписот на Лени Јоро пред носот на Реал Мадрид, нудејќи 62 милиони евра за францускиот суперталент од редовите на Лил.
Тоа само ја зголеми самодовербата кај раководството на „црвените ѓаволи“, кои сега храбро тргнуваат кон нов подвиг – да го осигураат потписот на Чави Симонс. Холандскиот плејмејкер се враќа назад во ПСЖ, но „светците“ веќе објавија дека немаат намера да го задржат, туку ќе го испратат на нова позајмица, но само со задолжителна клаузула за откуп во 2025 година. Баерн Минхен важеше за огромен фаворит во оваа трка откако баварците подготвија понуда од вкупно 90 милиони евра (голем дел од овие пари би биле платени следното лето), но директорите на Јунајтед се подготвени да ги замрсат сметките на баварскиот гигант.
Како што јавува францускиот весник Л’Екип, англискиот гигант е сериозно загреан за Симонс и е подготвен да ја израмни понудата на Баерн. Дополнителен адут на Јунајтед е што во стручниот штаб летово пристигна Руд ван Нистелрој, кој пред две сезони имаше извонредна соработка со Чави Симонс во ПСВ Ајндховен. Токму тоа го зголемува оптимизмот кај „црвените ѓаволи“ дека Симонс ќе го избере токму овој клуб како следна дестинација во кариерата, по што би бил постигнат договор со ПСЖ околу формулата за позајмица и задолжителен откуп следното лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА