Нема шега со моќниот Алкалоид: Вардар ја доживеа судбината на Е. Пелистер

Алкалоид уште еднаш покажа дека и сезонава ќе биде многу сериозен фактор во македонскиот ракомет, откако во првото коло од Супер-лигата го совлада Вардар со резултат 33-30. Неколку дена откако во Гевгелија го земаа скалпот на Е. Пелистер во Супер-купот наМакедонија, избраниците на Кире Лазаров денеска надиграа уште еден голем ривал во трката за највисок пласман. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Алкалоид го контролираше резултатот и имаше предност во речиси целиот меч, потврдувајќи дека овој тим со огромен број македонски репрезентативци бележи огромен напредок од година во година.

Алкалоид од самиот почеток наметна силно темпо што „вардарци“ се мачеа да го следат. Митев беше незапирлив за одбраната на Вардар и го трасираше патот до рано водство од 8-5, по кое Недановски побара тајмаут за гостинскиот тим. Советите вродија со плод, „вардарци“ заиграа подобро пред е во нападот и веднаш се вратија резултатски во натпреварот (9-9). Алкалоид повторно дојде на „плус два“ поведувајќи со 12-10, но следеше експресен одговор на гостите, кои за момент и поведоа со 15-16. Завршницата на полувремето мина во знакот на избраниците на Лазаров, кои на одмор заминаа со минимално водство од 18-17.

Второто полувреме донесе израмнета битка се до 21-21, по што Алкалоид влезе во ритам и со четири гола во низа стигна до најубедливото водство на мечот (25-21). За разлика од првото полувреме, овојпат советите на тајмаутот на Недановски не вродија со преголем плод, па домаќините умешно го контролираа резултатот (29-25). Костески имаше одлична реакција во одбраната и изнудено пробивање, потоа постигна и гол од пенал на спротивната страна, по што Алкалоид поведе со 30-26 на помалку од осум минути до крајот.

Мартин Серафимов блескаше во вториот дел, постигнувајќи важен гол со играч помалку за 32-29 на три и пол минути до крајот. Во следниот напад Галевски го запре Гоце Георгиевски, трасирајќи го патот до победата, на крајот изразена со конечните 33-30.

Марко Митев и Мартин Серафимов со по осум погодоци беа најефикасни во таборот на Алкалоид, шест постигна Костески, додека во таборот на Вардар најдобри поединци беа Лазаревски со шест и Хориха со пет погодоци.

Се вчитува...