Њукасл на најдобар можен начин ја демонстрираше решеноста да влезе во Топ 4 во Премиер-лигата и да се пласира во ЛШ во наредната сезона откако „црно-белите“ славеа на денешното дерби со Манчестер Јунајтед. Тоа беше меч во кој Њукасл целосно доминираше во однос на „црвените ѓаволи“ и заслужено стигна до бодовите со кои сега е третопласиран, со ист број бодови како Јунајтед на четвртото место, а со „плус еден“ и натпревар помалку во однос на петтопласираниот Тотенхем.
Уште од самиот почеток беше јасно дека домашните фудбалери се максимално мотивирани за да стигнат до цел плен и да се одмаздат за поразот во финалето на лига-купот. Њукасл создаде неколку одлични шанси во првото полувреме, во кое резултатот остана 0-0 само поради извонредните интервенции на гостинскиот голман Давид де Хеа.
„Црвените ѓаволи“ делуваа како да воспоставија контрола во второто полувреме, но тогаш го примија првиот гол, по извонредната акција на Исак, Гимараеш и Сан Максиман, на Вилок му остана полесниот дел од задачата, од половина метар да ја смести топката во мрежата.
Њукасл продолжи да игра офанзивно и по постигнатиот гол, во една акција ја погоди гредата, а потоа и дирекот од голот на Де Хеа, но домаќините пред крајот сепак успеаја да постигнат и втор гол. Калум Вилсон беше стрелецот за 2-0, откако постигна гол со глава по корнерот на Трипие.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

