Милан уште еднаш ги потврди шампионските амбиции откако „росонерите“ славеа на големото дерби, на гостински терен против Наполи со 0-1. Избраниците на Стефано Пиоли ги оставија зад себе разочарувачките реми со Салернитана и со Удинезе, покажувајќи карактер кога е најважно, против директен ривал во трката за највисок пласман.
Идентично како и на дерби-дуелот со Интер, улогата на херој му припадна на Оливие Жиру, кој го постигна победничкиот гол на почетокот од второто полувреме. Наполи не ја расчисти опасноста по еден центаршут во шеснаесетникот, Тонали се обиде да шутне од работ на шеснаесетникот, а Жиру се најде на вистинското место и со еден допир го смени движењето на топката и ја смести во мрежата.
Спалети по примениот гол го уфрли Елиф Елмас на теренот на местото на индиспонираниот Лоренцо Инсиње, „наполитанците“ тргнаа во тотална офанзива, но не успеаја да го совладаат Мењон и претрпеа разочарувачки пораз пред своите гледачи.
Милан сега има 60 бода на врвот на табелата, два повеќе (но и меч повеќе) во однос на градскиот ривал Интер, додека Наполи падна на третото место со 57 бода на своето салдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА