Нема шега со Тиквеш во плејофот, лесно совладан и Охрид

Тиквеш уште еднаш ги потврди амбициите за борба за излез во ракометна Европа откако кавадарчани славеа на уште еден меч во плејофот, овојпат на домашен терен против Охрид со 28-24. По ремито со Алкалоид и триумфот над Пролет во Скопје, избраниците на Данило Брестовац одиграа уште еден одличен меч со кој јасно ставија до знаење дека се подготвени за борба за место во европските купови.

Охриѓани подобро го почнаа мечот, неколку пати имаа минимално водство, но Тиквеш успеа експресно да се одлепи со серијата од пет гола, откако по негативата од 3-4 ракометарите на Брестовац поведоа со 8-4. Ваквото водство беше одржувано до крајот на полувремето, па кавадарчани заслужено на одмор заминаа со 14-9. Тие продолжија со одлична игра и во второто полувреме во кое Тиквеш поведе со 20-11, оставајќи ги охриѓани без одговор за одличната одбрана на домашниот состав. Гостите со серија на голови успеаја да се приближат и да обезбедат барем нешто поскромен пораз, но бодовите денеска апсолутно заслужено остануваат во Кавадарци.

Симиќ беше најдобар во таборот на Тиквеш со седум погодоци, по четири за победничкиот тим постигнаа Анастасовски, Хамзиќ и Петровиќ, додека најефикасен кај Охрид беше Владимир Бојаниќ со седум постигнати голови.

Се вчитува...