Ненад Димитријевиќ продолжува со одличните партии во дресот на Уникс, со кои актуелниот МВП на финалето од ланската сезона докажува дека и годинава е меѓу најдобрите кошаркари во силната ВТБ-лига.
Доказ за тоа е и фактот дека македонскиот плејмејкер повторно се најде во идеалната петорка на ВТБ, овојпат во тимот на неделата за периодот од 11 до 17 декември што денеска беше официјално објавен на веб-страницата на лигата.
Димитријевиќ во овој период одигра само еден меч, и тоа извонреден настап против Астана, завршувајќи го натпреварот со 24 поени, 7 скокови и 7 асистенции. Друштво на нашиот репрезентативец во тимот на неделата на ВТБ му прават Би-Џеј Џонсон од Парма, Џејмс Томпсон од Самара, Амат Ембаје од ЦСКА Москва и Акун-Пурсел од Локомотив Кубан.
Ненад Димитријевиќ и Уникс моментно се второпласирани на табелата со скор 12-4, зад лидерот ЦСКА (16-1), на чија клупа седи македонскиот стратег Емил Рајковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА