Ненад Димитријевиќ и Олимпија Милано вечерва ја прославија првата победа во италијанската Прва лига, откако на домашен терен го декласираа Сасари со убедливи 100-75. Поразите од Трст и од Монако беа оставени зад себе, па избраниците на Еторе Месина вечерва одиграа одличен меч, демолирајќи го ривалот што во минатото знаеше да му создава проблеми на Милано.
Победникот беше решен во првото полувреме што италијанскиот првак го одигра импресивно, со убедливи 57-31. Предноста беше огромна, па Месина одмори дел од клучните играчи, а оние кои настапија во второто полувреме рутински ја одржаа предноста до конечните „плус 25“.
Најдобриот македонски кошаркар одигра 18 минути од овој натпревар, стигнувајќи до добри бројки од 10 поени, пет скока, шест асистенции и три украдени топки. Најефикасни во таборот на Милано беа Миротиќ и Ледеј со по 15 поени.
Проблем за Месина ќе претставува повредата што ја заработи Болмаро, во чие отсуство се очекува Димитријевиќ да преземе уште поголема одговорност на плејмејкерската позиција во наредниот период.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА