Лука Дончиќ го потврди епитетот на најголем европски кошаркарски талент откако го предводеше Реал Мадрид до десеттата европска круна, но суперталентираниот Словенец најверојатно ќе извиси кога станува збор за водечките позиции на НБА-драфтот.
Иако до неодамна важеше за главен фаворит за улогата на „прв пик“, последните информации говорат дека Дончиќ најверојатно нема да биде во изборот на екипите што ќе бираат меѓу првите три на овој драфт. Генералниот менаџер на Феникс санс, кој го има првиот пик на располагање, во живо во Белград ги следеше настапите на Дончиќ, но став на „сонцата“ е најпрвин да се обидат да направат трампа – да се откажат од првиот избор, а за возврат да добијат изграден играч со статус на ѕвезда наместо да чекаат Лука да се адаптира на стилот на игра во најсилната лига на светот.
Втор право на избор има Владе Дивац со Сакраменто, третиот пик е сопственост на Атланта хоукс, но како што јавува американската телевизија ЕСПН, ниту едните ниту другите немаат намера да го доведат Дончиќ, па пред него ќе изберат некој од американските таленти што се наоѓаат на драфтот.
Доколку ваквиот развој на настаните се реализира, асот на Реал Мадрид би завршил како четврти пик во Мемфис или како петти во Далас, ситуација која би можела да го премисли Дончиќ да остане уште најмалку една година во Европа.
„Се уште ја немам донесено конечната одлука околу иднината, ќе го сторам тоа наскоро“ – најави Лука Дончиќ по освојувањето на титулата европски првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА