Чаби Алонсо во последните два месеци беше во центарот на вниманието на европската јавност, откако по извонредните резултати со Баер Леверкузен овој стратег стана најпосакуван на европскиот фудбалски пазар. Ливерпул и Баерн Минхен беа најконкретни во обидите да го доведат Чаби на својата клупа, но вечерва најпрвин Ули Хенес објави дека „Чаби е невозможна мисија за баварскиот гигант“, за неколку часа подоцна слични информации да пристигнат и од Ливерпул.
Неколку британски медиуми со новинари кои се задолжени за следење само на Ливерпул вечерва објавија дека Чаби воопшто нема да се најде на скратениот список на потенцијални тренери на „црвените“ во потрагата по наследник на Јирген Клоп. Желбата на челниците на Ливерпул за камбек на својот поранешен фудбалер беше огромна, но очигледно и на нив како и на Хенес им станало јасно дека Алонсо би сакал и следната сезона да го води тимот на Баер Леверкузен.
Контактите меѓу Ливерпул и Алонсо траеја повеќе од еден месец, а откажувањето од преговорите е јасен знак дека Шпанецот нема намера да си замине од „Бај Арена“, особено доколку успее во историскиот подвиг да ја донесе титулата во Леверкузен.
По ваквиот развој на настаните, сега главен фаворит за нов тренер е Рубен Аморим, актуелниот стратег на Спортинг Лисабон за чија отштета Ливерпул е подготвен да плати 25 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА