Герет Саутгејт пред помалку од два месеци се повлече од функцијата селектор на Англија, за експресно да добие нов ангажман, изненадувачки во европската куќа на фудбалот УЕФА.
Како што јавуваат англискиот медиуми, Саутгејт ќе ја извршува функцијата технички надгледувач во УЕФА, со задача со своите соработници да ги анализира натпреварите од тренерска перспектива и со тоа да помогне УЕФА да ги согледа новите трендови во модерниот фудбал и да ги подобри условите за развој на тренерите и нивна едукација.
По секој меч што ќе им биде даден како задача, Саутгејт и соработниците ќе имаат обврска со помош на видеоматеријали и статистички податоци да достават комплетна анализа и да ја претстават истата кај претпоставените во УЕФА.
Герет Саутгејт еднаш веќе ја извршуваше оваа задача за УЕФА, на последното финале од Лигата на Шампионите меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
Покрај него, со оваа работа се занимаваат и други стратези како Фабио Капело, Аврам Грант и Франк де Бур, кои беа технички надгледувачи на натпреварите на ЕВРО 2024 ова лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА