Филип Талески со Рајн Некар Левен ја запиша третата победа по ред, вкупни деветта во Бундеслигата, совладувајќи го Ерлаген со 29-26. Но, „лавовите“ неочекувано тешко стигнаа до бодовите на овој меч, иако важеа за големи фаворити против Ерлаген кој е екипа од долниот дел на табелата.
Гостите тргнаа агресивно и имаа контрола на играта и на резултатот во поголем дел од полувреме во кое на два пати беа и на +4 (4-8, 6-10). Рајн Некар Левен во финишот го засили темпото. Гудјон Валур Сигурдсон изедначи на 12-12, а потоа домаќините го презедоа водството и го завршија првиот дел со 15-14.
„Лавовите“ го одржуваа водството на почетокот од второто полувреме, но потоа Ерлаген изненади со серија од 5-0 за нов пресврт (18-21). Сепак, ни тука не беше крај на неизвесноста на овој дуел. Во продолжение и „лавовите“ возвратијха со серија од 5-1 и во последните пет минути влегоа со минимална предност од 25-24, а потоа Сигурдсон го однесе Рајн Некар левен на +2.
Филип Талески го заврши натпреварот со еден погодок од два обиди, а најефикасен во составот на Рајн Некар Левен беше Сигурдсон со девет гола.
Следен на календарот на Рајн Некар Левен е вториот натпревар со европскиот првак Монпелје во групната фаза од ЛШ. Во првиот пресметка минатата недела во Франција, „лавовите“ го декласираа Монпелје со десет гола разлика (37-27).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА