Нереални сцени од Бразил: Славниот Роналдо повторно херој, Крузеиро го слави враќањето во елитата

Легендарниот Роналдо кон крајот на минатата година стана новиот сопственик на бразилскиот гигант Крузеиро. По завршувањето на својата играчка кариера, славната „деветка“ почна различни бизниси низ Европа и Бразил.

Роналдо реши дел од парите да ги вложи во купување на два клуба. Прво стана сопственик на шпанскиот Ваљадолид, а потоа и на Крузеиро, клубот во кој ја започна својата голема кариера. По пристигнувањето во клубот во декември минатата година, Роналдо направи радикални потези. Прво го разреши легендарниот тренер Вандерлеј Луксембург, а потоа следуваа нови трансфери и промени во играчкиот кадар.

 

Буџетот на клубот го „скрати“ од 4,5 милиони долари на 1,8 милиони долари. Играчите кои сакаа да останат мораа да ги намалат платите. Тогаш Роналдо дури реши да им врачи откази на дел од ветераните во клубот, па дури избија и протести на навивачите по отказот на голманот Фабио (41). Сепак, Роналдо не се откажа. Тој многу сакаше да го врати клубот во Серија А бидејќи веќе три години е надвор од елитната класа на бразилскиот фудбал. Одредени работи мораа да се променат, а легендарниот Бразилец на крајот успеа во она што го зацрта.

Синоќа Крузеиро го совлада тимот на Васко со 3-0. Тоа беше доволно за да си обезбедат враќање во елитата на седум кола пред крајот на првенството. Тие се убедливо први на табелата во Серија Б и никој не може да им се закани.

 

Кога судијата го означи крајот на мечот во „Бело Хоризонте“, настана вистинско лудило. Навивачите и играчите плачеа од среќа, Роналдо беше главното ’лице’ и сите сакаа да го гушнат и да му честитаат. На трибините навивачите го славеа познатиот фудбалер, кој го презеде клубот во тешка ситуација и успеа за една година да направи огромни промени кои на крајот донесоа успех.

 

Роналдо после ова ќе стане уште поголема клупска икона. Како тинејџер тој играше две професионални сезони во овој клуб (1993-1994) и постигна 44 гола на 47 настапи. Тука започна неговата голема кариера. Таа потоа стана една од најголемите на сите времиња, но како фудбалски работник засега носи нови историски резултати.

Во текот на својата историја, Крузеиро има освоено четири шампионски титули во Бразил и двапати го освои Копа Либертадорес.

Се вчитува...