Првата средба од финалната серија донесе голема битка неизвесна до самиот крај. Двајцата тренери веќе ги насочија погледите кон вториот меч, но ова се работите кои ја одбележаа првата финална пресметка.
Нешовиќ е многу подобра опција од Крофорд
Американецот Крофорд беше доведен од страна на Лукајиќ, но полека но сигурно ја губи минутажата кај Кочов. Изненадувањето на првиот меч беше Нешовиќ, плејмејкерот кој одигра солидно во нападот, а воедно и беше извонреден во одбраната против Чавдар Костов. Бугарскиот ас на Работнички не се изнаигра само кога Нешовиќ беше директно задолжен за него, па се очекува со таков меч-ап „металците“ да продолжат до крајот на оваа финална серија. Што се однесува до Крофорд, јасно е дека Американецот ги брои последните денови во Скопје.
Лалиќ скромен, но многу важен
Јуре Лалиќ уште еднаш го покажа своето значење во играта на МЗТ, со присуството во рекетот создавајќи им огромни проблеми на високите кошаркари на Работнички. Еванс, Чековски, Крстевски, сите се мачеа да го запрат хрватскиот центар, кој одлично манервира во рекетот. Скромен како и секогаш, без многу фама и атракции Лалиќ си ги врши задачите дадени од стручниот штаб. Тој го заврши мечот со 18 поени, 9 скокови и 2 блокади за 29 минути игра.
Што се случи со Дамјан во последната четвртина?
Дамјан Стојановски одигра импресивно во првите три четвртини, одговарајќи на улогата на лидер што треба да ја преземе во оваа финална серија. Тој постигна 18 поени во овој дел од мечот, но потоа неочекувано во последната четвртина беше целосно неутрализиран. Не само што не постигна поени, туку упати само еден единствен шут, во периодот во кој на неговиот тим воопшто не му одеше во нападот.
Секако, Работнички заигра поагресивна одбрана на него, но Стојановски поседува квалитет за да блеска и во клучните моменти, кога се решава победникот.
Чавдар Костов е најдобар странец во лигата
Нема никакви дилеми, Чавдар Костов е најдобар странец во македонското првенство, не само сезонава туку и во последните неколку години. Не станува збор само за бројките од првиот дуел (21 поен, пет скока,четири асистенции), туку за фактот како Костов го диктира темпото, ги прави соиграчите подобри.
Кога е тој на теренот „црвено-белите“ се многу поопасни и непредвидливи, па бугарскиот ас сосема заслужено го презеде епитетот на лидер на тимот од Маркус Гинјард, кој одигра уште еден просечен натпревар.
Македонците во Работнички мораат подобро
Работнички стигна до голема победа, и тоа во ситуација кога македонските кошаркари целосно потфрлија. Мираковски беше најдобар со девет поени, но капитенот заработи тешка повреда и тешко дека ќе настапи до крајот на ова финале. Од останатите, Караџовски и Крстевски постигнаа по четири поени, Чековски два, Кире Николовски ниту еден за 11 минути игра. Јасно, е, особено без Мираковски, останатите ќе мора да играат многу подобро ако сакаат Работнички да се закити со титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА