Манчестер Сити се наоѓа во катастрофална серија откако загуби и од Ливерпул, шести пораз за тимот на Пеп Гвардиола на последните седум средби во сите натпреварувања.
Сити заслужено беше поразен на „Енфилд“, целосно надигран од Ливерпул, но она што падна во очите на јавноста е што Пеп Гвардиола повторно го остави на клупата Кевин де Бруине, најдобриот фудбалер на тимот во последните години кој сезонава и по камбекот по повредата добива минимална минутажа.
„Очигледно некои интересни работи се случуваат во соблекувалната на Сити. Како може најдобриот фудбалер во Премиер-лигата во последните десет години да не е стартер во овој тим. Знаеме дека беше повреден, но сега се е во ред со него. Тој е лидер, авторитет, брилијантен играч со неверојатни вештини. Кога го имате здрав Де Бруине, а тој не е стартер, дефинитивно нешто се случува. Гвардиола има целосна контрола над соблекувалната, доби нов договор и сега најверојатно ги чека преодните рокови за да реагира на пазарот“, изјави Гери Невил како дел од анализата за дербито на „Енфилд“.
„Нешто се случува меѓу Де Бруине и Гвардиола. Не почнува натпревари, не влегува на полувреме… нешто очигледно не е во ред меѓу нив. Тажно е бидејќи говориме за еден од најдобрите тренери и еден од најдобрите играчи во Премиер-лигата. Да, Кевин имаше проблеми со повредите, но сега проблемот не е во тоа. Тој е здрав, во форма е, но не игра“, додаде Џејми Карагер.
Де Бруине има само уште седум месеци од актуелниот договор со Манчестер Сити, со што уште повеќе добиваат на тежина гласините дека белгискиот плејмејкер следното лето како слободен играч ќе се пресели во Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА