Нешто чудно се случува со Џирона: Губи од кого стигне, а Миовски „бетониран“ на клупата за резерви

Џирона ја продолжи губитничката серија во Ла Лига откако тимот на нашиот Бојан Миовски загуби на домашен терен од Бетис со 1-3, четврти пораз во низа за избраниците на тренерот Мичел. Овој стратег лани направи чудо со Џирона, но сезонава се почесто е критикуван, меѓу другото и поради упорното игнорирање на Миовски, кој не добива шанса да ги покаже своите квалитети за шпанскиот прволигаш.

Денешниот дуел со Бетис беше уште еден јасен знак дека Мичел не смета сериозно на нашиот голгетер, откако Бетис уште во првото полувреме поведе со 0-3 и практично го реши прашањето на победникот. Кардозо го отвори резултатот во 6. минута, а пред крајот на полувремето меѓу стрелците се запишаа и Антони и Иско.

Иако мораше да брка резултат, а напаѓачот Абел Руиз е повреден, тренерот на Џирона повторно го „бетонираше“ Миовски на клупата, неразбирлива одлука ако се земе во предвид во каква форма настапи нашиот ас на последните квалификациски средби во репрезентативниот дрес.

Џирона во финишот успеа да постигне утешен погодок преку Стуани, премалку за да се избегне 16. место на табелата.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...