Тимот на Голден стејт вориорс дефинитивно се наоѓа во криза откако остана без Кевин Дурант. „Воините“ синоќа загубија со минимални 103-102 во Минесота, нивни четврти пораз на последните шест средби, со што се истопи и предноста што Голден стејт ја има во однос на Сан Антонио на врвот на Западната конференција. Вигинс со одличниот настап во второто полувреме, кога постигна 20 од своите 24 поени, беше најаслужен за големиот триумф на домашниот тим. Во ритам беше и Рики Рубио, кој оствари дабл-дабл од 17 поени и 13 асистенции, додека Таунс постигна 23 поени за Минесота. Томпсон постигна 30 поени за вицешампионот, Кари беше стрелец на 26 поени, но продолжи со слаб шут од далечина, погодувајќи само една тројка од осум обиди, воедно и промашувајќи го последниот шут што можеше да им донесе победа на „воините“.
Хјустон славеше на гостувањето во Чикаго пред се благодарение на перфектната трета четвртина што „ракетите“ ја добија со 14-36. Ова беше четврти пораз во серија на „биковите“, на кои не им помогна ниту враќањето на Двејн Вејд. Најдобар поединец вообичаено кај Хјустон беше Џејмс Харден, кој ја заврши средбата со 19 поени, 13 асистенции и седум скокови.
Вашингтон надополни негатива од 15 поени во последната четвртина на гостувањето против Сакраменто, па по дополнителни пет минути успеа да забележи нова победа. Главна фигура на оваа средба беше Бредли Бил, кој постигна дури 21 од своите 38 поени во четвртата четвртина, додека Џон Вол забележа дабл-дабл од 25 поени и 12 асистенции.
Резултати НБА:
Шарлот – Орландо 121-81, Атланта – Торонто 105-99, Чикаго – Хјустон 94-115, Милвоки – Индијана 99-85, Минесота – Голден стејт 103-102, Далас – Бруклин 105-96, Денвер – Бостон 119-99, Сакраменто – Вашингтон 122-130 (по прод.).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА