Палермо остава зад себе сезона на заборав, во која сицилијанскиот клуб остана без прволигашки статус, навлекувајќи го и бесот на навивачите. Единствена светла точка во таборот на Палермо беше Илија Несторовски, македонскиот ас кој тивко пристигна на Апенинскиот полуостров, но експресно блесна на италијанската фудбалска сцена. Бројката од единаесет постигнати погодоци е најдобра потврда за одличната форма на Македонецот, кој неслучајно се најде на листата со желби на бројни клубови ширум Европа, но и надвор од „Стариот континент“.
Самиот Несторовски минатата седмица најави дека би сакал да остане во Палермо, но последните информации говорат дека нашиот голгетер сепак ќе ги пакува куферите и ќе замине во друга екипа. Весникот „Кориере дело спорт“ во своето денешно издание го опишува Нестор-гол како „Богатството на Палермо“, играч на кого сицилијанскиот клуб би можел добро да заработи.
Иако Македонецот во јануарскиот преоден рок беше проценуван на околу 20 милиони евра, „постот“ од три месеци без постигнат гол придонесе неговата вредност да опадне. Според „Кориере“, Палермо очекува да заработи нешто повеќе од десет милиони евра за Македонецот, за кого понуди има од различни делови од светот. Дури и тимови од далечната Кина се заинтересирани во своите редови да го донесат Нестор-гол, но желба на македонскиот голгетер е да остане во Европа. Во таква ситуација во преден план ќе бидат земени понудите од Италија, но и ќе се следи ситуацијата со Евертон Атлетико Мадрид и Спарта Прага, клубови кои исто така покажаа интерес за македонскиот интернационалец.
Во ситуација кога Палермо плати само 500.000 евра за да го доведе од Интер Запрешич, јасно е дека сицилијанскиот клуб добро ќе заработи на Македонецот, кој во следниот период ќе треба да ја избере својата следна дестинација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА