„Македонското дерби“ во Калчо-лигата меѓу Палермо и Џенова заврши со победа на тимот на Несторовски и на Трајковски од 1-0. Овој пораз повторно ја компликува ситуацијата за Џенова во битката за опстанок, но екипата на Пандев попладнево одигра под своите можности и заслужи да претрпи пораз од тимот што веќе е испаднат во втората лига. Клучен момент беше 13. минута кога Рисполи шутираше со глава, неговиот обид требаше да биде лесен плен за гостинскиот голман, кој реагираше несмасно и со топката в раце влезе зад гол-линијата.
Несторовски беше стартер за Палермо, по што беше повлечен во 60. минута, додека Пандев ги одигра сите 90 минути за Џенова, која сега има само два бода повеќе од Кротоне на 18. позиција (место кое води во Серија Б) на две кола до крајот на сезоната.
Наполи преубедливо триумфираше на гостувањето со Торино со 0-5, меч на кој Калјехон постигна два гола, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа Зјелински, Инсиње и Мертенс.
Резултати Италија:
Интер – Сасуоло 1-2, Болоња – Пескара 3-1, Кротоне – Удинезе 1-0, Калјари – Емполи 3-2, Палермо – Џенова 1-0, Сампдорија – Киево 1-1, Торино – Наполи 0-5.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА