Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски вели дека сплитски Хајдук е голем фаворит против Ренова во второто квалификациско коло од Лига Европа, но секако негова желба е победа и пласман понатаму за македонскиот тим.
Во изјава за хрватски „Спортске новости“, Несторовски, кој три години настапуваше за Интер Запрешиќ, вели и дека Ренова има сила да ги изненади сплитските „бели“.
„Ренова е навистина добар тим кој се потпира на колективот, го знам нивниот тренер Бујар Ислами кој работеше со пионерите и кадетите кога јас бев во таа возраст. Хајдук, без сомнение е фаворит иако се игра во Македонија, но секако внимателноста е потребна кога се игра само еден натпревар. Јасно е дека мечот може да го одлучи само еден удар. Во секој случај, не треба да се отпише и Ренова, која ќе биде многу мотивирана со оглед на тоа што ќе игра против еден од најголемите хрватски клубови. Логично е да навивам за Ренова, добро е за македонскиот фудбал да собира европски бодови и да напредува. Се надевам дека Ренова може да изненади и да се пласира понатаму“ – вели Несторовски.
Натпреварот меѓу Ренова и Хајдук се игра во четврток (17. септември) со почеток од 15:30 часот на стадионот „Петар Милошевски“ на комплексот Куќа на фудбалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА