Ерата на Палермо под водство на Маурицио Зампарини и официјално заврши откако денеска беше обелоденето името на наследникот на контроверзниот претседател на сицилијанскиот клуб. Пол Бакалјини е новиот предводник на тимот за кој настапуваат македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски. Станува збор за успешен бизнисмен кој одлично има разработено фондови преку партнерства на италијански, американски и британски банки. Пред Бакалјини е голем предизвик – да го застане клубот на нозе по долговите што се собраа под водство на Маурицио Зампарини, што нема да биде нималку лесно ако се знае дека Палермо се наоѓа пред испаѓање од Серија А.
„Можеме да потврдиме дека нов претседател на Палермо е Пол Бакалјини. Тој се сретна со Маурицио Зампарини за време на преговорите со групацијата “Cascio”. И по пропаднатите преговори со оваа групација Пол го задржа интересот за да инвестира во Палермо и да помогне во реконструкција на спортските објекти кои се сопственост на клубот. Постигнат е целосен договор за Господинот Бакалјини најдоцна до 19 април да ги добие сите акции во клубот. Тој од своја страна претстави програма за развој на клубот, како и проект за реконструкција на стадионот и на спортскиот центар“ – се вели во соопштението на сицилијанскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА