Ризикот на стручниот штаб на Палермо со одлуката Илија Несторовски да настапи недоволно заздравен на дуелот со Торино би можел скапо да го чини голгетерот, но и нашиот национален тим. Имено, Несторовски за време на мечот со Торино ја влошил старата повреда, па сега го очекува пауза од тренинзите, а најверојатно и од натпреварите на неговиот тим.
Имено, италијанските медиуми најавуваат дека Несторовски речиси сигурно ќе го пропушти неделниот натпревар против Рома, што ќе се игра на Сицилија на 12 март. Состојбата со зглобот на десната нога на најдобриот стрелец на Палермо воопшто не е наивна, а во текот на оваа седмица ќе бидат познати и повеќе детали околу тоа колку ќе изнесува неговата пауза.
Ова би можел да биде сериозен проблем и за македонскиот селектор Игор Ангеловски во пресрет на продолжението од квалификациите за СП 2018. Македонија на 24 март му гостува на составот на Лихтенштајн, еден од оние натпревари на кои се очекува позитивен резултат, а евентуалното отсуство на Несторовски сигурно би ги намалило шансите за победа на „црвено-жолтите“ на теренот во Вадуз.
Со капитенската лента на Палермо
Несторовски немаше многу причини за радост на денешниот дуел. Покрај поразот на Палермо од 3-1 заработи и повреда, па не се израдува на капитенската лента која ја доби за првпат по доаѓањето во клубот.
По само шест месеци откако стартуваше во Палермо, Илија Несторовски доби вистинска чест со капитенската лента на Палермо. Откако се повреди актуелниот капитен Морганела во 60. минута, при напуштањето на играта тој капитенската лента ја префрли на македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА