Илија Несторовски ќе остане член на Палермо најмалку до крајот на оваа сезона откако сицилијанскиот клуб јасно стави до знаење дека нема намера да се раздели од Македонецот среде сезона, во пресрет на најважните битки за камбек во италијанската фудбалска елита. Торино повторно покажува сериозен интерес за нашиот интернационалец, понуди најавуваат уште некоолку калчолигаши, но ставот и на Несторовски и на челниците на Палермо е соработката меѓу нив да продолжи.
Тоа во изјава за италијанските медиуми го потврди и спортскиот директор Фабио Лупо, давајќи им најдобра можна новогодишна честитка на навивачите на Палермо.
„Иднината на Несторовски во јануари? За да има преговори потребно е некој да сака да продава некого, а во овој случај ние не сме подготвени за такво нешто. Досега сите оние кои дојдоа по Илија добија негативен одговор, отсекогаш сме велеле дека овој фудбалер не е за продажба и затоа и немаме формирано цена што би ја барале. Исто така, самиот Несторовски јасно стави до знаење дека нема намера да си замине, па немаме апсолутно никаква причина да преговараме за негов трансфер“ – дециден е директорот на Палермо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА