Несторовски: Секогаш тренирам 100%, но сакам и повеќе да играм

Илија Несторовски е херојот на Удинезе на гостувањето против Торино, каде токму македонскиот репрезентативец беше стрелец на победничкиот гол за „фриулијаните“. Неговите соиграчи набрзина прокоцкаа водство од 0-2, но по камбекот на Торино и обидите на домаќините за трет гол, Несторовски се најде на вистинско место и со прецизен удар го матираше голманот на „торинезите“.

Сатисфакцијата е уште поголема ако се знае дека Нестор-гол огромен дел од сезонава мина на клупата за резерви, но со денешното издание јасно стави до знаење дека на неговите услуги мора посериозно да се смета на следните натпревари на Удинезе.

„Огромна е сатисфакцијата, по примени два глупави голови за две минути да се покаже карактер и да се стигне до победата. Секако дека сум среќен и за својот гол, секогаш давам 100% на тренинзите и се надевам дека ќе добијам шанса. По победничкиот гол, логично е да очекувам повеќе да играм во иднина. Овој тим на Удинезе е квалитетен, многу посилен од претходните години, играме убав фудбал и им даваме на навивачите причина за уживање“, истакна Несторовски.

Се вчитува...