Со неговото доаѓање направи вистински „бум“ во фудбалска Италија и Илија Несторовски набрзо стана миленик на навивачите на тимот од Сицилија. Медиумите на „чизмата“ веднаш почнаа да го споредуваат Македонецот со легендарниот италијански напаѓач Филипо Инзаги, но Несторовски смета дека е рано за такви споредби. Негова цел е тимот да се натпреварува во најсилната италијанска лига и наредната година.
„До овие моменти, се обидов да го дадам најдоброто од себе за клубот и мислам дека тоа не е доволно. Ќе работам уште повеќе во иднина, со цел да придонесам за Палермо. Тоа што ми се случува во тимот е навистина посебна приказна и некои работи не можат да се опишат со зборови. Моја цел е во понатамошниот период да се освојуваат што повеќе бодови, за тимот да остане во Серија А и наредната година“ – истакна Несторовски за италијанските медиуми.
Кога станува збор за неговата споредба со Филипо Инзаги, Несторовски вели дека тој е неговата инспирација, а сон му е да стане најдобар стрелец во Калчото…
„Ако би морал да избирам фудбалски идол, тогаш тоа е Филипо Инзаги. Тој е мојата инспирација и мислам дека се уште е рано да ме споредуваат со него. Засега постои само Илија Несторовски. Мојата иднина ја гледам тука, во Палермо, а сон ми е да станам најдобар стрелец во Серија А“ – заврши нашиот репрезентативен напаѓач.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА