Несторовски: Удинезе да опстане, а јас да стигнам до двоцифрен број голови

Серија А е пред рестарт, Италија го мина најтешкото кога е во прашање пандемијата на коронавирусот, па сега полека фокусот се насочува кон Калчото. Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски вели дека опстанокот на Удинезе е негов приоритет до крајот на сезоната, но и ќе се потруди да ја продолжи „традицијата“ – зад своето име да има двоцифрен број погодоци.

„Беше чудно на првиот тренинг после паузата поради коронавирусот, се чувствувавме како да сме на стартот на нови подготовки. Но, моравме да работиме во забрзан ритам, затоа што не очекува напорен распоред до крајот на сезоната. Се надеваме дека се ќе биде в ред и дека ќе продолжи Серија А, а приоритет за нас е да го обезбедиме опстанокот на Удинезе. Што се однесува до моите лични амбиции, последните шест сезони ја заокружував сезоната со двоцифрен број голови, имам уште 12 натпревари за тоа да го сторам и оваа. Ќе го паметам секогаш голот против Сампдорија, прв во дресот на Удинезе, си реков „конечно“, со оглед дека претходно не ми беа признати дури четири со одлуки на ВАР – системот“, вели Илија Несторовски.

Нестор-гол деветпати беше стартер за Удинезе оваа сезона, седум пати влезе како замена, а одигра досега вкупно 743 минути. Тој втора сезона настапува во Серија А и досега има 54 мечеви во италијанската елита. Удинезе во пресрет на рестартот се наоѓа на 14.позиција со 28 бода, но само три повеќе од тимовите кои се во ’опасната зона’. Првиот меч по паузата Удинезе треба да го одигра на 23 јуни, на гости против Торино.

 

Се вчитува...