Американскиот кошаркар од редовите на Басконија, Шејн Ларкин, ќе биде најголемото засилување на Барселона за летниот преоден рок откако каталонците ги договорија сите детали од соработката со овој одличен поентер. Тој ќе потпише двогодишен договор за плата од три милиони евра по сезона, со што Ларкин воедно ќе стане и најплатен кошаркар во редовите на каталонскиот гигант.
Инаку, Шејн Ларкин беше една од опциите на Македонската Кошаркарска Федерација при изборот на странски кошаркар во нашиот национален тим, пред изборот конечно да падне врз Џордан Теодор.
Американецот доаѓа на барање на новиот тренер на Барса, Сито Алонсо, со кого имаше беспрекорна соработка во Басконија минатата сезона. Пред него е нималку лесна задача да го разбуди заспаниот каталонски џин по очајната ланска сезона, во која Барса не се пласираше ниту во четвртфиналето од Евролигата, а беше прерано елиминирана и во плејофот од шпанскиот шампионат.
По доаѓањето на Ларкин, надополнето со веќе договорениот трансфер на Томас Ертел, речиси сигурно е дека Барселона ќе се раздели од Тајриз Рајс, за кого сериозно заинтересиран е Макаби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА