Новиот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер го промовираше своето прво засилување за наредната сезона, во која битолчани ќе се натпреваруваат и во ракометната Лига на Шампионите. Станува збор за словенечкиот интернационалец Нејт Цехте, десниот бек доаѓа во таборот на „пелистерци“ од редовите на данскиот ГОГ Гудме, тим со кој беше дел од четвртфиналето на ЛШ оваа натпреврувачка сезона.
Словенецот конечно ќе пристигне во мак-ракометот, откако беше договорен за трансфер во Вардар, но на крајот преселбата пропадна откако „црвено-црните“ беа исфрлени од Лигата на Шампионите. Цехте тогаш експресно најде нов клуб потпишувајќи за ГОГ Гудме, за сега сепак да ја прифати понудата за преселба во Македонија, овојпат во Еурофарм Пелистер. Се очекува битолчани да потпишат уште еден нов десен бек покрај Цехте, ако се знае дека тимот летово го напуштија двајцата ракометари на оваа позиција, Хосни се сели во Кувајт, додека Мартин Велковски е многу блиску до потпис со Алкалоид.
„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека нов член на нашиот клуб е словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте. 30-годишниот десен бек доаѓа во редовите на македонскиот шампион од четвртфиналистот на Лигата на шампионите на ЕХФ и актуелен првак на Данска, ГОГ Гудме.
Цехте е стандарден словенечки репрезентативец, има 52 настапи за својата селекција, вклучувајќи и Европско и Светско првенство. 195-сантиметри високиот Нејц Цехте потекнува од ракометно семејство, бидејќи и неговиот брат Клемен Цехте беше професионален ракометар и словенечки репрезентативец.
Нашиот нов член се афирмира во дресот на Горење Велење, клуб со кој стана национален шампион на Словенија и играше во Лигата на шампионите. Во 2018 година следеше трансфер во Хановер, каде Нејц играше четири години и ја делеше соблекувалната со Урбан Лесјак, со кого пак ќе играат во ист клуб. Во сезоната 2022/23 со ГОГ Гудме дојде до историски успех во Лигата на шампионите, каде се најде меѓу осумте најдобри екипи, а се бори и за одбрана на титулата шампион на Данска. Цехте се обрвза на едногодишен договор, со опција за уште една сезона. Неговото претставување клубот го предвидува кон средината на јули, на почетокот на подготовките на екипата за сезоната 2023/24“, објави Еурофарм Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА