Бруклин Нетс е тимот со најслаб учинок во регуларниот дел од сезоната во НБА лигата, а од кризата ќе се обидат да излезат со ангажирање на квалитетни кошаркари од Евролигата. Капитенот на српската репрезентација и плејмејкерот на ЦСКА Москва, Милош Теодосиќ е првата опција за генералниот менаџер на Нетси, Шон Маркс. Маркс е голем фан на Теодосиќ и неговите игри, особено на неговата специјалност, атрактивните додавања.
„Тео е фантастичен играч и вистински лидер. Знае да реши натпревари, тој е играч на кого можеш да се потпреш“ – изјави Маркс.
Договорот на Теодосиќ со актуелниот европски првак истекува на крајот од оваа сезона, но пред да донесе одлука околу преселба, прво ќе разговара со раководството на ЦСКА. Теодосиќ од 2011 го носи црвениот дрес на московскиот тим, а покрај титулата европски шампион, ги има освоено трофејот за најдобар играч на Евролигата во 2010 година, кога го носеше дресот на Олимпијакос.
Србинот во неколку наврати инсистираше дека преселба во НБА-лигата не му е животна желба, но останува да се види дали понудата од другата страна на Атлантикот ќе биде доволно интересна за да го убеди Теодосиќ конечно да заигра во најсилната лига во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА