Неверојатен четврти ден на СП во пливање: Три светски рекорди и неверојатно остварување на американската штафета на 4х200 метри слободно

Неверојатно финале ни донесе трката на 4х200 метри слободно во машка конкуренција на Светското првенство во 25 метарски базени во Мелбурн. Штафетата на Соединетите Американски Држави во состав: Киран Смит, Карсон Фостер, Трентон Џулијан и Дру Киблер до златниот медал стигнаа со нов светски рекорд 6:44.12 минути што беше за неверојатни 2.69 секунди подобро време од досегашниот рекорд на Бразилците. Среброто и припадна на Австралија, додека со бронза се закитија Италијанците.

Микс штафетата на Франција на 4х50 слободно постави нов светски рекорд и го освои златниот медал на Светското првенство во мали базени кое се одржува во австралискиот град Мелбурн. Француската штафета во состав Максим Гросе, Флоран Манаду, Берил Кастадело и Мелани Еник до златниот медал стигнаа со време од 1:27.33 минута што е за 56 стотинки подобро од досегашниот рекорд кој беше во сопственост на САД од 2018 година. Среброто и припадна на штафетата на Австралија, додека со бронза се закитија Холанѓаните.

Светски рекорд постави и неверојатната Маги Мекнил на трката на 50 метри грбно. Канаѓанката до златниот медал стигна со време од 25.25 стотинки што е за две стоти делови од секундата подобро од досегашниот рекорд кој исто така беше во нејзина сопственост. Среброто го освои Американката Клер Курзан, додека бронзена беше Австралијката Моли О’Калахан.

Одличен резултат постави и младата Американка, Кејт Даглас на трката на 200 метри градно. Таа до златото стигна со време од 2:15.77 минути што е нов рекорд на шампионатите. Второто место и припадна на искусната сонародничка Лили Кинг, додека со бронза се закити Тес Скутен од Холандија.

Се вчитува...