Алкалоид и Охрид одиграа извонреден дерби натпревар во дербито на стартот од новата сезона во Суперлигата на Македонија, во кој, на крај, по голема драма со два гола во последните пет секунди и неколку пресврти двете екипи ги поделија бодовите за конечни 24-24 (11-13).
Првото полувреме се играше со подобро издание на гостите кои одржуваа постојана предност. Со одлична игра во одбраната охриѓани ги неутрализираа нападите на Алкалоид, па на паузата заминаа со предност од 11-13.
И по израмнет почеток и на вториот дел, и 2-2 во воведните минути на второто полувреме, веќе во 37. минута, по серија од 3-0, Алкалоид дојде до водство од 16-15.
Во 41. минута веќе беше 18-15, откако охриѓани седум минути не успеваа да постигнат погодок, па и четири гола разлика потоа (19-15) за Алкалоид. Но, потоа серија на спротивната страна од 0-3 и во 48. минута Охрид успеа да дојде до негатива од само еден гол, 19-18.

Конечно, во 50. минута Ненад Костески погоди за домашните за 20-18. На четири минути пред крајот се влезе во неизвесна завршница откако Ѓукиќ намали за Охрид на 22-21. Па, откако голманот на гостите Блажески потоа стигна и до десеттата своја интервенција, охриѓани дојдоа и до 22-22, за да во последните три минути се влезе од егал.
И, во драмата на крајот на една минута и 30 секунди пред крајот Охрид дојде до пресврт од 22-23. Во последната минута исклучување за Моралес кај Охрид, што беше искористено од Алкалоид за израмнување на 23-23. Охрид имаше 35 секунди за напад на крајот, и на три секунди пред финишот Иванковиќ погоди за 23-24.
Алкалоид имаше само три секунди за напад, и во вистинска драма Карасманакис успеа да погоди за конечни 24-24.
Борзаш беше најефикасен кај Алкалоид со шест погодоци, а Ѓукиќ пет гола кај охриѓани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА



























