Врвна претстава на кошаркарската репрезентација на Турција во полуфиналето на Евробаскетот 2025 и убедлива победа над Грција од 94-68 за пласман во финалето против Германија!
Турците на неверојатен начин ги „збришаа“ Грците и Јанис Адетокумбо, со лекција каква ретко се гледа во полуфинале на собирот на најдобрите на Стариот Континент. Селекторот на Турција, Атаман на најдобар можен начин му одржа лекција на колегата од спротивната страна Спанулис, повеќе од доминантно водејќи го својот тим во битката за трофејот на ЕП.
Турција уште во првата четвртина со 26-16 поведе и јасно даде до знаење дека нема намера да им дозволи ниту најмала можност на Грците да се надеваат на било каков пресврт. Напротив, предноста постојано растеше од четвртина во четвртина за на крај убедлива победа од 94-68.
Во редовите на Турција, Ерџан Османи беше најдобар со 28 поени, шест скока и две асистенции, а потоа следуваше охриѓанецот Џеди Осман со 17 поени, и со по три скока и асистенции. Алперен Шенгун со дабл-дабл учинок, односно 15 поени, 12 скока и шест асистенции, како и Шејн Ларкин со 14 поени и пет асистенции, исто така беа двоцифрени.
*12 Dev Adam 🇹🇷 plays in the arena*
🎤 Alperen Sengun: #EuroBasket pic.twitter.com/hApq8rPNgr
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) September 12, 2025
За Грција, Костас Слукас имаше 15 поени со три скока и четири асистенции, а Јанис Адетокумбо имаше дабл-дабл со 12 поени и 12 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

