Новак Ѓоковиќ планира се уште да игра тенис на високо ниво, но српскиот спортски великан во меѓувреме добил неверојатна понуда – да стане тренер на италијанскиот фудбалски гигант Милан, клуб за кој Новак не крие дека навива во европскиот фудбал. Информацијата ја пренесува италијанскиот весник „Ла Република“ кој не важи за таблоид, туку за сериозен медиум. Според статијата, Ѓоковиќ веќе имал и првичните контакти со „росонерите“, а иницијатор на идејата бил сопственикот на Милан, Џери Кардинале.
Имено, американскиот милијардер е воодушевен од менталната сила на Ѓоковиќ, па сега бара начин тој да го пренесе победничкиот менталитет и врз фудбалерите на Милан. Идејата е Новак да не биде прв тренер, но да добие свое место во стручниот штаб што би го користел секогаш кога би бил во можност, во зависност од распоредот на тениските турнири на кои планира да учествува.
Задачата на Ѓоковиќ би се состоела од разговори со фудбалерите, индивидуално и колективно со целата екипа, со што Србинот со своето искуство би помогнал да ги надминат проблемите и да се фокусираат само на максимални успеси како што тоа го прави најдобриот тенисер на сите времиња.
Засега разговорите течат само во сферата на теоријата, но Ѓоковиќ важи за спортски фанатик, па можеби сериозно ќе ја разгледа оваа понуда кога ќе реши да ја заврши тениската кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА