Неверојатна тренерска вртелешка: Дури 24 тренери во само 10 клуба се променија есенва во Втората лига!

Вистински егзодус на тренери во единствената Втора лига на Македонија, кој не се памети изминативе две декади. Изминатава есен, од 16 клуба, дури десет ги сменија тренерите што јасно покажува дека нешто не е во ред во тренерската организација која за жал не функционира. Нема кој да ги заштити тренерите, се зависи од клупските моќници кои како од шега ги менуваат по секој нивни неуспех. За тоа најдобро говори и овој податок. На клупата на тие десет клуба есенва седеа или ќе седат пролетва дури 24 тренери. Тетекс е рекордер,  смени четири тренери. Што е навистина незамисливо во светот на фудбалот!

Само шест клуба крајот на есенската сезона го дочекаа со своите тренери, со кои и стартуваа. Тоа се Вардар – Бобан Грнчаров, Воска – Берат Имери, Охрид – Петар Џигеровски, Гостивар – Октај Дерелоглу, Локомотива Пехчево – Баже Јанакиевски и Караорман – Дарко Крстески.

Од групата клубови што ги сменија есенва тренерите, пак, рекордер е Тетекс. Стартуваше со  Бојан Захариев, потоа на ред дојде Даниел Радевски, еден меч по него Тетекс го водеше Љупчо Димовски, но брзо си замина, го замени анонимно тренерско име Дејан Савевски, за да  клубот на крајот на сезона го ангажира искусниот Љупчо Марковски-Калц кој ќе се обиде да направи вистинско чудо, да ги спаси тетовчаните од испаѓање од лигата.

Многу не заостанува ниту велешки Борец кој речиси е веќе со едната нога во Третата лига, есенва е без ниту еден освоен бод. Почна со Благој Петров, потоа дојде Никола Аврамовски-Коки, но не се задржа многу, а крајот на есенската сезона Борец го дочека со Марјан Јаковлев. Дали е тој се уште тренер, никој во клубот не знаеше да ни каже, ниту дали Борец ќе продолжи пролетва да игра во Лигата бидејќи Борец им нема исплатено ниту денар на играчите.

Најпознатото тренерско име на стартот во Втората Лига, Ѓоре Јовановски не го дочека крајот во Кожуф, на неговото место дојде Трајче Сенев. Пролетва и Марјан Секуловски нема да го води Пелистер, му го отстапи местото на познатиот Бобан Бабунски. Имаше смени и во  Беласица, почна со искусниот Шефки Арифовски, не за долго за да го замени Благој Гуцев. Во таа група е и Саса Каменица, кога Иван Варадиновски се раздели со клубот дојде Љупчо Димитковски, додека пак Иван Варадиноски се пресели во Радовиш во Детонит Плачковица место Горан Здравков.

И тука не е крајот на оваа тренерска второлигашка тренерска вртелешка. Во Арсими место Бујар Ислами беше ангажиран Вилдан Салиу, во Беса Амир Велиу го замени искусниот Александар Таневски. Последна смена  се случи во Слога од Виница  кога Даниел Стојановски му кажа или му кажаа збогум од клубот за да дојде Крсте Крстев. Ова сигурно не е крај на смени на тренерите, останува да се одигра уште и пролетниот дел и оваа бројка од 24 тренери кои ротираа во само десет второлигашки екипи, сигурно ќе се зголеми.

М.Мицковиќ

Се вчитува...