Правилата на ФИФА се јасни, 1 јануари е датумот од кој фудбалерите што имаат договор до крајот на актуелната сезона, не само што можат да преговараат со други клубови надвор од земјата за која настапуваат, туку и да потпишат преддоговор со новите екипи што би бил официјализиран од 1 јули.
Праксата е вообичаена, но општ впечаток е дека никогаш понудата на „бесплатни ѕвезди“ не делувала така импресивно како во оваа 2025 година. Впрочем, од овие играчи може да се состави неверојатен дрим-тим што би бил кошмар и за најголемите европски гиганти.
Да тргнеме од почеток, Мануел Нојер е слободен на пазарот, но германскиот ветеран ќе потпише нов договор со Баерн или ќе замине во пензија, трансфер во друг клуб не е опција за него во моментов. Трент Александер Арнолд како десен и Афонсо Дејвис како лев бек важат за едни од најдобрите на своите позиции во светот, па неслучајно се големи желби на европскиот првак Реал Мадрид. Затоа, интересно ќе биде да се види дали тие на крајот ќе завршат меѓу „кралевите“ или во наредните месеци ќе потпишат нови договори со Ливерпул, односно Баерн Минхен.
Џонатан Тах веќе најави дека нема да ја продолжи соработката со Баер Леверкузен и германскиот репрезентативец речиси сигурно ќе се пресели во Барселона, а во овој дрим-тим се наоѓа и Вирџил ван Дајк, кој сака да потпише нов договор со Ливерпул, но засега не успева да најде заеднички јазик со управата на „црвените“.
Џошуа Кимих долго време преговара со Баерн, без преголем успех, па германскиот репрезентативец би можел без никаква отштета да го напушти баварскиот гигант. Кевин де Бруине исто така е слободен играч во јули и според она што се случуваше во Сити во последните месеци, Белгиецот нема да добие нов договор и веќе ги разгледува понудите од САД и од Саудиска Арабија за продолжување на кариерата.
Мохамед Салах слично како и Ван Дајк, преговара за нов договор со Ливерпул, но без преголем успех, Сон влезе во последните шест месеци од договорот со Тотенхем, а меѓу оние ѕвезди кои сигурно ќе ги сменат клупските бои летово е Нејмар, кој се покажа како најголемо промашување во историјата на Ал Хилал.
За крај, слободен играч летово ќе стане и Кристијано Роналдо, а последните информации говорат дека Португалецот сериозно размислува да го напушти Ал Наср откако му стана јасно дека овој тим нема капацитет да се бори за трофеи во Саудиска Арабија.
Joshua Kimmich, Virgil Van Dijk, Kevin De Bruyne…just a few of the players who are entering the final six months of their contract. [@lequipe] pic.twitter.com/oZrzko0CSz
— Zach Lowy (@ZachLowy) December 23, 2024
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА