Расел Вестбрук и дефинитивно е апсолутен рекордер по бројот на трипл дабл натпревари во една сезона од НБА-лигата. Откако минатата седмица го израмни рекордот на Оскар Робертсон, Вестбрук синоќа го урна остварувањето на НБА-легендата стигнувајќи до својот 42. трипл-дабл меч на гостувањето против Денвер.
Тој го заврши натпреварот со неверојатни 50 поени, 15 скокови и 10 асистенции, а за точка на неверојатниот дуел постигна тројка од над десет метри за победа на Оклахома од 105 – 106. Овој шут значеше и крај на надежите на Денвер за место во плејофот, откако нагетси останаа на две победи заостанување зад Портланд во трката за осмото место во Западната конференција.
Шампионот Кливленд загуби добиен меч во Атланта (126-125 по продолжение), повторно компликувајќи си ја судбината во трката за првото место на „истокот“. Кливленд имаше предност од огромни 26 поени разлика во последната четвртина, но Атланта го доби овој дел од мечот со неверојатни 44-18 и избори продолжение со шутот на Милсап со звукот на сирената. Полни со самодоверба, „јастребите“ потоа стигнаа и до победа над бранителот на трофејот, користејќи го излегувањето на Леброн Џејмс поради шест лични грешки.
Кајри Ирвинг постигна 45 поени, Леброн Џејмс имаше 32 поени, 16 скокови и 10 асистенции, но и тоа беше премалку за Кливленда да слави во Атланта, па кавси остануваат со идентичен скор како и Бостон во трката за првото место во Источната конференција.
Резултати НБА:
Њујорк – Торонто 97-110, Мемфис – Детроит 90-103, Атланта – Кливленд 126-125 (по прод.), Денвер – Оклахома сити 105-106, Феникс – Далас 124-111, ЛА лејкерс – Минесота 110-109, Сакраменто – Хјустон 128-135.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА