Карло Анчелоти ќе го предводи Реал Мадрид на вечерашното гостување против Баерн Минхен на „Алијанц Арена“, пресметка на трофејниот стратег со поранешниот клуб на чија клупа седеше од 2016 до 2017 година. Анчелоти имаше успешна авантура со една освоена титула и два суперкуп трофеи, но многумина беа изненадени кога тој доби отказ по поразот во групната фаза од ЛШ од ПСЖ со убедливи 3-0, со образложение дека тој веќе ја немал довербата на фудбалерите.
Италијанецот продолжи со успешна работа и во последните години освои буквално се што можеше да се освои со Реал Мадрид, а судбината сакаше на патот до ново европско финале да му застане токму Баерн Минхен.
Најавата за оваа мегапресметка носи и неверојатен податок – Анчелоти во својата богата тренерска кариера не загубил ниту еден натпревар од Баерн Минхен.
Тој шест пати го водеше тимот на Милан против Баерн Минхен, при што имаше две победи од по 2-1 во сезоната 2002/2003, потоа го елиминираше Баерн во 2006 година со победа од 4-1 на „Сан Сиро“ (реваншот беше 1-1), за во 2007 година Анчелоти со Милан повторно да го елиминира баварскиот гигант, со победа на гостински терен откако првиот меч во Милано заврши 2-2.
Како тренер на Реал Мадрид овој искусен стратег само два пати се сретнал со Баерн, и тоа во сезоната 2013/14 кога за противник го имаше Пеп Гвардиола. Реал го доби првиот меч со 1-0 со голот на Карим Бензема, за потоа да го демолира Баерн на ревнашот со 0-4 (по два гола постигнаа Серхио Рамос и Кристијано Роналдо).
Дали оваа серија на непобедливост на Дон Карло ќе продолжи или Баерн конечно ќе слави против својот поранешен тренер, ќе дознаеме на вечерашниот дуел на „Алијанц Арена“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА