Неверојатно: Конте против Спалети за првпат во кариерата

Антонио Конте ќе го предводи Наполи на големото дерби против Јувентус, а неверојатно делува податокот дека на овој дуел Конте за првпат во кариерата за ривал ќе го има Лучијано Спалети.

Двајцата врвни стратези имаат одлични кариери со години наназад, па зачудувачки е како досега немаат ниту еден меѓусебен дуел, што беше повод за навраќање кон нивното минато од страна на италијанските медиуми.

Конте ја почна кариерата во Серија Б со Арецо и Бари од 2006 до 2009 година, период во кој Спалети ја водеше Рома.

Потоа Спалети мина пет години (2009-2014) во Русија како предводник на Зенит, период во кој Конте беше „шеф“ во Аталанта, Сиена и Јувентус. Конте потоа беше селектор на Италија од 2014 до 2016, по што седна и на клупата на Челси од 2016 до 2018, што беше причина пак да се „промаши“ со Спалети, кој во сезоната 2016/17 се врати назад во Рома.

Следна работа на Спалети беше како тренер на Интер од 2017 до 2019 година, каде беше сменет токму со Конте, кој остана на „Џузепе Меаца“ до 2021.

Конте потоа се пресели во Тотенхем каде остана од 2021 до 2023, период во кој Спалети го водеше тимот на Наполи. Спалети од 2023 стана селектор на Италија, од пред еден месец седна на клупата на Јувентус, па конечно се поклопија коцките за тој да ги одмери силите со Конте, вечерва на „Диего Армандо Марадона“ во Неапол.

Се вчитува...