Голден стејт вориорс повторно има извонредна сезона, го освои првото место во Западната конференција, а досега е без пораз и на десетте средби во плејофот (4-0 со Портланд и со Јута, водство од 2-0 против Сан Антонио во финалето „од западот“). Токму затоа, изненадувачки е податокот дека ниту еден кошаркар на „воините“ не се најде во првата петорка на НБА-лигата за оваа сезона.
Во идеалната петорка која беше објавена вечерва се најдоа Џејмс Харден и Расел Вестбрук на бековските позиции, потоа Леброн Џејмс и Каваи Леонард, како и центарот на Њу Ослеанс, Ентони Дејвис.
Најдобрата петорка во НБА ја бира комисија од новинари ширум светот, а интересно е што буквално сите кои гласаа, на својот список го вклучија единствено Џејмс Харден.
За Леброн Џејмс ова е 11. пат да биде дел од првата петорка, со што се израмни со Коби Брајант и со Карл Мелоун.
Во втората петорка на НБА-лигата се најдоа Стеф Кари и Кевин Дурант од Голден стејт, потоа Ајзеа Томас од Бостон, Јанис Адетокумбо од Милвоки и францускиот центар на Јута џез, Руди Гобер.
Место во третата петорка на НБА-лигата за оваа сезон изборија Дерозан (Торонто), Вол (Вашингтон), Батлер (Чикаго), Грин (Голден стејт) и Џордан (ЛА клиперс).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА