НЕВЕРОЈАТНО ВОЗБУДЛИВО: Поставени три нови светски рекорди во летање со „вингсуит“ технологија (ВИДЕО/ ФОТО)

По тригодишен развој во соработка со австрискиот експерт Андреас Подлипник и инженерскиот тим од Ред Бул во Велика Британија, австрискиот „вингсуит“ пилот Петар Салцман на светот му ја претстави новата напредна „вингсуит“ технологија, со тоа што изведе скок во Швајцарија, а притоа прелета повеќе од 12 километри и постави три нови рекорди во процесот.

Оваа возбудлива иновација во овој спорт, дебитираше на 24 октомври на швајцарската планина Јунгфрау, каде Салцман користеше нова „вингсуит“ технологија за лет со времетраење од речиси 6 минути (5 минути и 56 секунди), без моторен погон, прелетувајќи растојание од 12,5 километри, со висинска разлика од 3,402 метри.

Со овој скок, тој постави три нови светски рекорди и тоа Longest BASE Flight Time (најголемо времетраење на BASE скок), Furthest BASE Flight Distance (најголема дистанца на BASE скок) и Biggest BASE Jump (најголемиот BASE скок од старт до слетување).

Оваа технологија е резултат на заедничката соработка на Салцман и креаторот на „вингсуит“ оделото Андреас Подлипнк, како и поддршката од инженерскиот тим на Ред Бул Технологии.

Во текот на нивната тригодишна соработка, Салцман и Подлипник имаа за цел да го осмислат, дизајнираат и изработат напредниот „вингсуит фоил“. Ред Бул Технологии, односно нивниот инженерски тим, со нивното богато знаење во областа на аеродинамиката и искуството од Формула 1, помогна да се утврдат параметрите кои ги максимизираат перформансите, вклучувајќи ја најефикасната конфигурација на крилјата, профилот на foil-от, геометријата, големината и идеалното растојание од телото.

Во развојната фаза, Салцман вкупно тестираше 6 прототипи и ја усовршуваше својата физичка и ментална подготвеност во Ред Бул перформанс центарот, кој се наоѓа во Талгау, Австрија. Финалниот прототип се прикачува на предното торзо на оделото, кој со вкупна тежина од 5,45 килограми е доволно лесен и пренослив да му овозможи на „вингсуит“ пилотот лесно да планинари и да лета, а истовремено е и доволно робустен и аеродинамичен за да обезбеди подигање и експоненцијално да го подобри соодносот при лизгање.

Со своите прекрасни пејзажи и драматични карпи, Јунгфрау е највисокиот врв во швајцарскиот регион Интерлаке и е привлечна дестинација за бројни искусни BASE скокачи. Во целиот процес, Салцман проучуваше различни точки за скок, пред да ја избере финалната, на висина од 4,063 метри, која се наоѓа на северната страна на планината. Во услови кои вклучуваа температури меѓу -5 и +9 степени, како и ветер со брзина до 37 км/ч, Австриецот постигна нов рекорд за најдолго времетраење на BASE скок. Летајќи, тој помина 5 минути и 56 секунди, односно од скокот до отворањето на падобранот. За време на летот, Салцман достигна брзина од 200 км/ч.

Благодарение на новоразвиената „вингсуит“ технологија, Петар Салцман успеа да го надмине претходниот рекорд за најдолг лет од 7,5 километри и да постави нов, кој сега изнесува 12,5 километри. Со овој потег, исто така постави и нов рекорд за висинска разлика од 3,402 метри.

„Мене лично не ме интересираат рекорди, повеќе ме интересираат иновации и откривање на нови опреми за летање. Летот беше вистински предизвик, дадов се од себе. Беше исцрпувачко, но и најдоброто чувство на светот. Многу сум среќен што се помина во најдобар ред и што го направив најдолгиот лет од 12 километри и 500 метри”, изјави Салцман.

Инаку, Петар Салцман е „вингсуит“ пилот од светска класа, а неговата неверојатна приказна започнува уште како дете, скокајќи на перници од неговиот балкон. Со BASE скокови и скокања со падобран започнува на дваесет години, а неговите почетоци вклучуваат скок од мост висок 110 метри во Хрватска, како и скок од карпа висока 1,000 метри во Италија. Наскоро, успева да направи повеќе од 500 скокови низ светот, по што се фокусира на wingsuit летање. Денес, со својата експертиза во аеродинамика, географија и временски услови, придонесува за брза еволуција на овој спорт и откривање на нови патеки за летање.

Се вчитува...