Црногорскиот тренер Радомир Ѓаловиќ повеќе не е тренер на Марибор, потврди клубот на својата официјална веб-страница, како последица на тепачката меѓу двајца играчи, Омар Рекиќ и Бенџамин Тете, а откако Ѓаловиќ се обидел да ги смири страстите и да ги раздели играчите – тој самиот наводно добил удар во големиот хаос кој избувнал на тренингот.
42-годишникот го сметал тоа за сериозно непочитување и одлучил дека повеќе не сака да биде дел од тој колектив.
Ова е навистина шокантен крај на неговата приказна во Марибор, од причина што откако дојде на клупата на тимот постигна максимален учинок од три победи во три натпревари, иако пристигна само пред 16 дена!
Откако беше отпуштен во Риека, со која ја освои „двојната круна“ претходната сезона, Ѓаловиќ го презеде Марибор на 9 септември и ги водеше во три натпревари и победи во сите три. Во првенството ги победија Мура (1-0) и Алуминиј (2-3), додека во вторник во Купот ги победија аматерите од Јуровски дол со 13-0.
Заедно со главниот тренер, заминуваат и четворица членови на неговиот тренерски штаб, Игор Чагаљ, Давор Ландека, Вито Терколо и Антонио Павлиновиќ. Поранешниот тренер на Риека го заврши својот прв ангажман по двојната круна во Хрватска минатата сезона.
И трофејниот словенечки клуб одлучи преку соопштение да ја разјасни приказната за крајот на соработката.
„Ова е случај што бара дополнителни информации. Во последните години, често гледаме извештаи за спорови, подигнати гласови или дури и посериозни инциденти на тренинзите или подготовките на клубовите и националните тимови. Не е пријатно кога се случува она што се случи во средата, но тоа не е ситуација што не би ја виделе во фудбалот. Тренинг, емоции, зголемена енергија. А за време на интензивен тренинг на влажен терен, премногу груба интервенција може да доведе до конфликт, што се случи во нашиот случај. По дуелот за топката, избувна кратка расправија меѓу играчите, која ескалираше во физичка, а Ѓаловиќ беше меѓу првите што ги раздели. Тренерот ги испрати играчите во соблекувалната, а подоцна се собраа да се извинат за несоодветната реакција. Но, клубот и тренерот земајќи ги во предвид сите околности, одлучија да се прекине соработката. Подготовките за натпреварот во сабота во Целје продолжија според планот. Попладневниот тренинг во четвртокот го водеше Радован Карановиќ, кој ќе го предводи тимот и во штаерското дерби“, се наведува во соопштението на Марибор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

