Матијс де Лихт е еден од најпосакуваните европски фудбалери, тој минатата седмица го одби Манчестер Јунајтед поради желбата да игра во клуб што ќе биде дел од ЛШ, но последните информации од Холандија велат дека причината за одбивањето е сосема поинаква. Имено, младиот Холанѓанец на ваков начин им се реваншира на „црвените ѓаволи“ за фактот дека минатото лето можеа да го доведат во своите редови и за многу пониска отштета, но ја пропуштија можноста поради бизарна причина – дебелината на неговиот татко.
„Мурињо бараше дефанзивец, а кога му стана јасно дека не може да дојде до Мегвајер од Лестер, вниманието го насочи кон Де Лихт. Тоа беше играч што Јунајтед го следеше извесно време, а цената беше многу пониска од оваа сегашната. И Ајакс и фудбалерот беа подготвени за сериозни разговори, но пресуди извештајот на скаутот Марсел Боут – дека станува збор за талентиран играч, но и предупредување дека татко му Френк е дебел човек и дека постои опасност и Матијс да стане покорпулентен во период што следи, што ќе влијае на неговиот ритам“ – откриваат холандските медиуми.
По ваквиот извештај Јунајтед воопшто не испратил понуда до Ајакс, а сето останато веќе го знаете – Де Лихт го предводеше тимот до полуфиналето во ЛШ и стана најпосакуван одбранбен фудбалер во светот, за кого се „тепаат“ Барселона, Баерн Минхен, Јувентус и Манчестер Сити. А Манчестер Јунајтед… се уште бара централен дефанзивец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА