Партизан победнички ја заврши оваа 2024 година, откако белградските „црно-бели“ во неверојатен дуел славеа над Цедевита Олимпија со луда завршница и хепиенд за тимот на Жељко Обрадовиќ (78-76).
Гостите од Словенија играа одличен меч, на почетокот од последната четвртина имаа и 16 поени предност, но Партизан успеа да се врати и стигна до израмнување. Цедевита пак се одлепи, дојде до „плус четири“, а на 34 секунди до крајот гостите имаа два поена предност и две слободни фрлања на Николиќ. Тој беше прецизен еднаш, а Карлик Џонс погоди тројка за израмнување на 76-76. Цедевита имаше напад за победа, но српскиот тим успеа да ја украде топката и преку Вашингтон од контранапад да поведе со 78-76. Гостите имаа уште девет секунди до крајот, шутнаа две тројки, но беа непрецизни, за огромна радост на кошаркарите и навивачите на Партизан, за прекинатата серија од два пораза во АБА-лигата.
Вашингтон со 18 и Карлик Џонс со 15 поени беа најефикасни во победничкиот табор, додека кај Цедевита Олимпија прв стрелец во овој драматичен натпревар беше Лемар со 24 поени.
„Црно-белите“ со вечерашниот резултат имаат скор 12-2 и се наоѓаат на делба на првото место заедно со Црвена Звезда и со Будуќност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА