Невидена драма – Македонија остави срце на терен и освои бод со Португалија

ЕКИПА во Хернинг,

Стеван Цаневски

Македонската репрезентација ремизираше 29-29 на вториот меч од ЕП 2026 против селекцијата на Португалија, дуел што ќе остане запаметен по неверојатното издание на Филип Кузмановски и 15-те погодоци на македонскиот капитен. Покажавме и квалитет и карактер, се вративме од „минус пет“ во второто полувреме, а немавме среќа во самата завршница, во последната минута да ги наградиме одличните одбрани на Томовски со победнички гол.

Мечот како и против Данска го почнавме со 5-1 зона во одбраната, Џонов како најистурен во обид да ги исфрлиме од ритам противниците. Одлично отворивме, полни со самодоверба поведувајќи со 2-1 со головите на Велковски и на Кузмановски. Митревски имаше две одбрани во првите пет минути, а Македонија набрзина стигна и до 4-2, со голот што од контранапад го постигна Стојковиќ.

При овој резултат не искористивме напад за „плус три“, па на спротивната страна примивме гол и исклучување заработи Стојковиќ. Успеавме да одржиме минимално водство, со мајсторскиот гол на Митев за 6-5, но следеше ново исклучување, за Мартин Серафимов. Атанасијевиќ со проектил од девет метри израмни на 7-7,но проблемите се зголемија во 15. минута по стартот на Маркоски над Кошта, за што македонскиот репрезентативец доби директен црвен картон.

Следеше и подарок пенал при следниот напад за Португалија што противникот го искористи за да поведе со 7-8. Во лош момент за нас се разбрани и португалскиот голман Капдевиљ, но нашата одбрана на чело со Митревски не дозволи противникот да се одлепи (8-9, 19. минута). Џонов стрелаше прецизно од крило за 9-9, по што португалскиот селектор побара тајмаут. Се продолжи со израмнета игра, па Кузмановски со својот шести гол на мечот донесе 12-12, на пет минути до крајот на полувремето. Згора на тоа, повреда заработи Џонов, се зголемија и проблемите во нападот (пет минути без постигнат гол), за пред крајот на полувремето Пешевски да стрела за 13-14, а Португалците од пенал да стигнат до 13-15, резултат со кој се замина на одмор.

Второто полувреме донесе проблем, четири минути не постигнавме гол, а Португалија набрзина поведе со 13-18. Капитенот Кузмановски ја прекина серијата на противникот, а до 40. минута успеавме да намалиме на 17-20. Португалците поведоа со 17-22, Лазаров побара тајмаут, по што набрзина направивме серија од 3-0 и се вративме во мечот. Кузмановски продолжи со одличната игра, со својот 11. гол намали на 22-25 во 47. минута, а Томовски влезе на голот во завршните петнаесетина минути од натпреварот. Павле Атанасијевиќ одлично се снајде како лево крило во ситуација кога повредени беа Петар Атанасијевиќ и Џонов, со неговиот погодок Македонија намали на 23-25.

Лазаров зеде тајмаут при 24-26, Кузмановски презеде одговорност и мајсторски погоди, воедно изнудувајќи и исклучување од Итуриза, па во последните седум и пол минути влеговме со само еден гол негатива (25-26). Томовски одбрани уште еден удар на Кошта, по што Серафимов погоди во ситуација со играч повеќе, израмнувајќи на 26-26.

И во моментите на наша одлична игра, следеше пенал и исклучување на Атанасијевиќ. И со играч помалку не се предадовме, Кузмановски стрелаше прецизно за 27-27, но потоа судиите им дадоа два подароци на противниците, најпрвин пенал за противникот, а потоа и недосуден седмерец по очигледен прекршок врз Ѓоргиев. За среќа, ВАР проверката ја потврди судиската грешка, па добивме пенал и исклучување на Фраде по што Кузмановски од седум метри израмни на 28-28.

Португалците погодија, но ние вративме со гол од крило на Велковски, па во последните 100 секунди влеговме со израмнети 29-29. Португалскиот селектор побара тајмаут на помалку од минута до крајот, Томовски му одбрани зицер на Мартим Кошта, но топката се одби кај Португалците. Следеше нова одбрана на Томовски, но топката во клучните моменти им падна од раце на нашите ракометари, противникот остана во посед и мечот на крајот заврши без победник, 29-29.

Филип Кузмановски го одигра мечот на кариерата за Македонија постигнувајќи 15 гола од 18 обиди, а Атанасијевиќ и Велковски постигнаа по четири погодоци.

Се вчитува...